Борусија Д. од денеска е во потрага по нов тренер по спогодбениот прекин на соработката со Томас Тухел (43). Досегашниот менаџер на „милионерите“, според дел од германските медиуми, заминува од „Сигнал Идуна парк“ со отштета од 2,9 милиони евра. Разделбата ја потврди и Ханс-Јоаким Вацке, извршен директор на клубот.
„Благодарен сум за двете преубави, бурни и возбудливи сезони. Штета што не продолжувам со Борусија“, порача Тухел преку својот Твитер налог.
Тухел во Дортмунд го наследи Јирген Клоп и на двапати ја предводеше Борусија до директен пласман и до четврт-финале во Лигата на шампиони. Сезоната ја заврши со освоен трофеј во Купот на Германија по победата со 2:1 над Ајнтрахт во Олимпискиот стадион во Берлин.
Винченцо Монтела, пак, останува на кормилото на Милан до летото во 2019 година иако медиумите во Италија шпекулираа дека новите кинески сопственици ќе бараат нов тренер по завршување на сезоната во Серија А.
“Овој нов проект на клубот прави да се чувствувам многу возбудено. Имаме големи и заеднички амбиции и сакаме што поскоро да се вратиме во Лигата на шампиони“, изјави Монтела.
„Росонерите“ го освоија шестото место во Серија А во оваа сезона и во наредната ќе играат во квалификации за Лига Европа.