Ако ја посетите интернет страницата на АТП (Асоцијација на тениски професионалци) и ја отворите ранг листата ќе наидете на стотици играчи од целиот свет. Можете да ja пребарате и по неколку пати, но лицето со име и презиме Франко Ливи (27) нема да го најдете. Оти, едноставно, го нема, а секојдневно е терен од утро до мрак. Италијанецот, по потекло, не е тенисер туку важи за најомилен спаринг партнер на АТП и ВТА турот.
Работа, како што самиот вели, има колку сака меѓутоа не жали. Напротив, порачува, ужива и среќен е. Во комплексот на Ролан Гарос се случува да влезе во 08,30 наутро и да замине во мрак. Еден од деновите му почна со Аргентинецот Хорасио Зебалос, играше и со Летонецот Ернест Гулбис, за да заврши со Србинот Новак Ѓоковиќ. Но, Ливи има работни денови и со пет до шест тренинг натпревари.
„Навечер добивам мејлови за да можам да се подготвам и организирам за наредниот ден. Дневно минувам по 10 до 11 часови на терен и пијам по осум литри вода за да можам да ја издржам жештината. Сепак сум среќен и уживам во ова што го работам. Искуството е неверојатно“, вели Ливи кој почнал да тренира тенис на тригодишна возраст кога заедно со родителите се преселил во Аргентина.
Особено е популарен меѓу тенисерите за што има и причина. Игра со лева рака и поседува темперамент што наликува на Рафаел Надал.
„Физички не личиме со Рафа, а би сакал да играм како него. Меѓу професионалците има малку левораки играчи. Мислам дека се тројца, па има денови за кои добивам по еден куп барања за тренинг“, коментира Италијанецот.
Ливи им излегува во пресрет на тенисерите. Но, она што го разликува од нив е скромниот живот. Вели дека ги разбира најдобрите, ја разбира и нивната нервоза пред настапи и досега, вели, немал непријатно искуство.
„Честопати се нервозни на ден на натпревар и јас ги разбирам. Затоа е најдобро да не зборувате премногу, да ја гледате својата работа и да играте што можете подобро. Дсега немам работено само со Роџер Федерер. Очигледно не му е потребна подготовка за Надал. Жалам што овојпат не е на Ролан Гарос, можеби ќе соработувавме“, нагласува Ливи.

Неговите услуги на парискиот гренслем што е во тек ги користи и Новак Ѓоковиќ. Србинот соработуваше со Ливи и во минатото, со Бекер и Вајда во стручниот штаб, а сега за првпат и под водство на Андре Агаси.
„Сака да се забавува на терен. Со тоа прави и јас да се чувствувам поопуштено. Меѓутоа кога работиме, тогаш работиме. Честопати бара да повториме некој поен или пак да пробаме нешто поразлично. Признавам дека имав мала трема од присуството на Агаси, но беше забавно и мина во најдобар ред. Нè надгледуваше што работиме и советуваше“, заклучи најпознатиот спаринг партнер меѓу тенисерите во нивната подготовка за Рафаел Надал.