Хокеарите на Питсбург се први кои успеаја да одбранат титула во Стенли купот по пауза од, речиси, 20 години. „Пингвинси“ до големиот успех стигнаа во шестиот меч против Нешвил што го добија со 2:0 за, конечни, 4.2 во финалната серија. Тоа беше причина за „окупација“ на улиците во градот што ги наполнија 650.000 луѓе или 250.000 повеќе од лани по освојување на престижниот трофеј, соопштија организаторите на настанот.
Толпата, долж рутата, еуфорично ги поздравуваше хокеарите и членовите на стручниот штаб. Ги скандираше нивните имиња како и името на клубот и прекарот, извикуваа „шампиони“, правеа селфи и се фотографираа со нивните херои за спомен. Некои, пак, беа дотолку упорни што успеаја да го допрат и шампионскиот пехар.
„Овие момчиња се жестоки борци. Тие знаат како се победува“, рече Мајк Саливен, тренер на „пингвинси“, пред насобраната маса.
Фил Кесел беше момчето што доби најголеми овации од присутните. Пред две години пристигна во Питсбург од екипата на Торонто и веднаш стана миленик, но и магнет за навивачите. Таков е примерот со Кристен Пирс која допатува од Висконсин, родното место на Кесел, а дома ќе се врати со автограм од нејзиниот идол.
„Допатувавме од Висконсин да го поздравиме нашиот шампион“, изјави Пирс за американските медиуми.
Питсбург триумфира во Стенли купот во 1991 година и во 1992 година. Меѓутоа е прва што го одбрани тронот од Детроит Ред Вингс во 1997 година и во 1998 година.