Чесна и достоинствена игра, демонстрација на желба, мотив, страст, храбар и одважен пристап и по цена на пораз, па и убедлив. Ова е генералната оценка за изгледот на младата фудбалска репрезентација на Македонија на тревниците во Гдиња и Бидгошч во рамки на Европкото првенство во Полска. Резултатите се друга приказна. Два пораза и реми против страшно моќната Шпанија (0:5), против српскиот ростер што ја освои светската шампионска титула за играчи до 20 години и против Португалија (2:4) која е секогаш подготвена за највисок дострел во континентални и планетарни размери.
„Благодарност и честитки до моите фудбалери за времето минато заедно во изминатиот период, за начинот на кој се бореа во квалификациите и овде во Полска, за нивниот однос кон националниот дрес. Покажавме дека не случајно дојдовме до завршниот турнир, покажавме дека дојдовме да играме и да се надигруваме без разлика кого имаме против себе, покажавме дека сме конкуретни“, е ставот на селекторот Благоја Милевски.
Простор за забелешки нема. Фудбалерите заминаа со намера да одиграат најдобро што знаат и умеат и со намера и тие да бидат фактор во конечниот исход на мечевите наместо да одиграат онолку колку што ќе дозволат противниците. Својот дел од агендата го реализираа во рамки на можностите. Со оглед дека беа дебитанти, без доволно силни натпревари во нозе и дел од, временски тесен, турнирски систем, ништо повеќе и не се очекуваше освен прослава на погодок, освојување на бод и скапо продавање на кожата. Не дека некој е малодушен или дека тие биле, едноставно таква е перцепцијата при секое реално согледување на околностите и аспектите.
„Добро ги знам квалитетите на сите овие момчиња. И како фудбалери и како личности. Заедничките моменти што ги минавме ќе останат засекоаш во мене. Покажаа како треба да изгледа репрезентативец на Македонија. Ме прави горд што имав прилика да работам со нив. Еден ден можеби пак ќе соработуваме заедно со дел од нив на некое друго место“, додаде предводникот на младиот национален тим.
Македонија од Полска заминува со еден бод, четири постигнати гола и 11 примени. Половина од реализациите потпиша Енис Барди (еден од пенал против Србија и еден од игра против Португалија), другата половина ја поделија Никола Ѓорѓев (голот за водство против Србија) и најефикасниот во тимот од квалификациите, Кире Маркоски (против Португалија).
„Момчињата покажаа како треба да се игра, стручниот штаб покажа како треба да се работи. Се надевам дека нема да минат нови 25 години до ново учество на Европско првенство. Наш недостаток на турнирот беше отсуството на квалитетни натпревари на клупски план, се чувствуваше и недоволна физичка подготвеност за турнирски систем. Искрено верувам дека наредните генерации на фудбалери ќе бележат прогрес во тие аспекти во нивните средини, а клубовите во кои настапуваат ќе бидат што подолго присутни во европските купови“, заклучи Милевски.