Салваторе Сиригу од денеска и официјално е нов голман на Торино. Италијанскиот репрезентативец се враќа во домашната фудбалска сцена од екипата на ПСЖ чиј член беше од 2011 година. Лани беше испратен на позајмица во Севилја, а оваа година и во Осасуна, а со оглед дека и во Памплона немаше кој знае каква минутажа, по завршување на сезоната се врати во Париз, го раскина договорот со „светците“ и ја прифати понудата на калчолигашот.
„Среќен сум што станав дел од Торино, клуб што расте од година во година. Ме привлече проектот и чест ми е што ќе учествувам во целата приказна“, рече Сиригу по потпис на договорот со Торино.
Негов ривал за место меѓу стативите ќе биде голманот на младата репрезентација на Србија, Вања Милинковиќ-Савиќ кој, исто така, ова лето се придружи на Торино.