Историска вечер за фудбалерите на Прогрес Нидеркорн. Аматерите од Луксембург успеаја да направат сензација и да го елиминираат Глазгов ренџерс уште во првото квалификациско коло за Лига Европа. Шкотскиот великан славеше на својот „Иброкс парк“ со 1:0, но доживеа шокантен пораз во реваншот. Луксембуршкиот претставник триумфира со 2:0 на домашен терен и заслужено продолжува на двомеч со, најверојатно, АЕЛ Лимасол со оглед на убедливите 4:0 за Кипраните во првиот натпревар со Сент Џозеф од Гибралтар.
Пласман во второто коло осигура и Видеотон. Унгарскиот прволигаш не дозволи луксуз како составот од Шкотска и по триумфот со 2:0 пред своите гледачи во првата средба, вечерва ремизира (3:3) против Балзан за елиминацијата на ривалот од Малта.
Останатите мечеви од воведната рунда квалификации за Лига Европа се играат во четврток. Меѓу нив и три македонски претставници. Работнички е домаќин на Тре Пене од Сан Марино (1:0), Шкендија ѝ гостува на Дачија во Кишињев по убедливите 3:0 на „Младост“ во Струмица, мегдан на кој овојпат Пелистер го дочекува Лех Познањ. Членот на полската Екстракласа има високи 4:о од првиот меч.
Лига Европа/квалификации/1 коло
Реванш мечеви
Прогрес Нидеркорн – Глазгов Ренџерс 2:0 (0:1)
Балзан – Видеотон 3:3 (0:2)