Дани Алвеш дефинитивно си оди од Јувентус и во наредните две сезони ќе игра за Манчестер сити. Трансферот на Бразилецот на „Етихад“, според најавите, ќе биде комплетиран во текот на наредната работна недела. Офанзивниот бек на „кариоките“ ја менува средина по само една година во Торино и повторно ќе работи со Пеп Гвардиола.
Алвеш и Гвардиола минаа четири заеднички години во Барселона, период за кој Каталонците трипати ја освојуваа Примера и двапати Лигата на шампиони. Меѓу „граѓаните“ ова лето веќе пристигнаа Португалецот Бернардо Силва од Монако и бразилскиот голман Едерсон од Бенфика.