Стабилизација во Македонија и суштински дијалог за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за спорот со името се предуслов за целосна поддршка од Грција, Србија и Бугарија за евроатлантските перспективи на Македонија. Ова е ставот околу кој се согласиле грчкиот премиер, Алексис Ципрас, неговиот бугарскиот колега, Бојко Борисов и српскиот претседател, Александар Вучиќ на денешната трилатерална средба во Солун.
Заедничкиот став околу Македонија го соопшти грчкиот премиер, на прес-конференцијата со Борисов и Вучиќ.
Ципрас, како што пренесуваат грчките медиуми, истакнал дека Европската комисија ја поддржува европската перспектива на Балканот, додавајќи дека Грција, Бугарија и Србија можат да одиграат значајна улога како стаблизирачки фактор во регионот.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ на прес-конференцијата по средбата изјави дека трите земји кога се заедно се не само три пати, туку десет пати посилни, отколку кога настапуваат поединечно. Тој нагласил дека Србија е подготвена заедно со Грција и со Бугарија да учествува во различни проекти, кои се од економски, но и од политички интерес за трите земји и нации.
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов посочил дека е негов сон да ги види трите земји инфраструктурно поврзани со патишта и железница и дека тоа ќе биде еден од приоритетите за време на бугарското претседавање со Европската Унија.
На средбата се разговарало за железничката поврзаност на Солун со Бургас и со Белград, како и за енергетската соработка меѓу трите земји.