Емануел Џинобили сè уште не сака во пензија. Аргентинскиот кошаркар, кој при крајот на јули ќе наполни 40 години, преку својот Твитер налог соопшти дека го продолжил договорот со Сан Антонио за уште една сезона.
Џинобили е дел од „старси“ од 2002 година. Од тогаш освои четири шампионски прстени во НБА лигата и се вбројува меѓу петте најдобри во историјата на франшизата од Тексас во четири статистички категории. Аргентинецот има одиграно 992 натпревара, има „украдено“ 1.349 топки, има поделено 3.835 асистенции и има постигнато 13.467 поени.
Во сезоната 2016/17 играше по 18,7 минути и беше стрелец на 7,5 поени во просек по натпревар.