Естонија не успеа да ја повлече Македонија во квалификациите за Светското кошаркарско првенство во Кина во 2019 година. Косово ја совлада селекцијата од Балтикот со 75:69 (по четвртини: 24:22, 11:16, 19:14, 21:17) и заврши на второто место во претквалификациската група Ц што воедно значи и елиминација на „црвено-жолтите“ во мундијалскиот циклус.
Косовските кошаркари го запечатија, за нив, големиот успех во последната четвртина од натпреварот во Приштина. Естонците ги започнаа завршните 10 минути во склад со македонските желби. Во нив поведоа со 11:5 и имаа и плус четири и плус три на моменти (59:63 и 64:67). Но, домашните најпрво одговорија со серија од 5:0 за 64:63, а потоа нанижаа две тројки (Бамфорт и Кастрати) го презедоа водството (72:69) и не дозволија да го загубат до крај.
Бериша со 28 поени беше најефикасен на теренот, двоцифрени беа уште Кастрати (13) и Бамфорт (10) и Шоши (10). Прв стрелец кај гостинската репрезентација беше Јоесар со 13 коша.
Претквалификации за СП 2019 во кошарка
Група А
Ерменија – БиХ 66:83
Шведска – Словачка 86:82
Табела: Шведска 10, БиХ 10, Ерменија 9, Словачка 7.
Група Б
Албанија – Холандија 37:113
Табела: Холандија 7, Австрија 7, Албанија 4.
Група Ц
Косово – Естонија 75:69
Табела: Естонија 7, Косово 6, Македонија 5.
Група Д
Португалија – Белорусија 79:78 по продолженија
Табела: Бугарија 8, Белорусија 5, Португалија 5.