Стефан Спировски, како што беше најавено и на саботната прес-конференција, заминува од Вардар, а неговото место во тимот е експресно пополнето со Вања Марковиќ (23). Македонскиот репрезентативец во финишот на преодниот рок ја прифати понудата на Ференцварош и потпиша договор на три години со унгарскиот прволигаш. Тој е деветти нов играч на „зелено-белите“ од Будимпешта ова лето по Тамаш Прискин, Отигба Кенет, Ловреншиц Балаш, Лукаш Беле, Фернандо Гориаран, Тамаш Жомбор, Маркињос Педросо и Руи Педро.

Замена за Спировски во средниот ред е 23 годишниот српски интернационалец Вања Марковиќ кој во Скопје доаѓа од полска Корона Кјелце. Со македонскиот шампион се обврза на двегодишна соработка по што беше и промовиран за јавноста.
„Добив понуда од Вардар што не се одбива. Дојдов во клуб кој важи за еден од најголемите на Балканот. Пласманот во групите во Лига Европа е голем успех како за екипата така и за државата. Ги следев двата меча со Фенербахче и видов одличен тим. Играта беше, тактички, одлично поставена што јасно упатува и на големиот придонес на тренерот Чеде Јаневски. До првиот меч имам три недели. Се надевам дека брзо ќе се адаптирам и можам да ветам максимално залагање на ттренинзите и на натпреварите за довербата што ми е укажана“, истакна Марковиќ при промоцијата.
Марковиќ е петти нов фудбалер во Вардар ова лето. На „црвено-црните“, претходно, им пристапија Висар Мислиу, Бесар Исени, Мустафа Куајнор од Гана и Бразилецот Итало Хозе Оливеира дош Сантош.