Со помош од над 3 милиони евра од ЕУ, во Македонија се спроведува Регионален план за управување со отпад кој треба да ни овозможи во иднина да добиеме депонии според европски стандарди. И Македонија да престане да се дави во отпад и диви депонии.
Според здружението “Ајде Македонија” во земјава има 54 комунални депонии и стотици нелегални или “диви” депонии, од кои 16 се со висок ризик по животната средина, потоа 16 со среден и 19 со низок ризик. Дополнително, во Македонија има 16 стари еколошки загадени индустриски локалитети кои претставуваат сериозен ризик за луѓето кои живеат во нивна близина.
Денес во Скопје на плоштад Македонија се спроведе улична анкета во рамки на проектот “Подготовка на потребни документи за воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион”.
Во очекување на новите резултати на денешната улична анкета, да потсетиме дека иста анкета беше спроведена во Скопје во декември 2016 година.
Тогаш над 66 отсто од Скопјани изјавија дека не се задоволни од начинот на кој се собира отпадот во градот а над 92 отсто рекоа дека му даваат поддршка на планот за нов европски систем за управување со отпад според националните и европските стандарди.
Скопјаните покажале ентузијазам и за селектирање и рециклирање на отпадот доколку тоа им се овозможи. Над 87 отсто рекле дека би сакале отпадот да се рециклира. Тие се подготвени дома да го селектираат отпадот и да го даваат на рециклажа.
Целта на ЕУ проектот е да се постигне интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот регион и да се подобри животниот стандард жителите на Македонија кои годишно произведуваат 330.000 тони отпад.
Регионите во кои веќе се работи на подготовка на документација за интергирано и самоодржливо управување со отпад се пелагонскиот регион, регионот на Скопје, вардарскиот регион и југо-западниот регион. Проектот вклучува 43 општини од четирите региони.
“Ајде Македонија” вели дека околу 99 отсто од комуналниот отпад во Македонија се депонира, со што се пропушта можноста за зачувување на животната средина, отворање на нови работни места, поефтини суровини за индустријата и приходи за државата во облик на даноци.
„Затоа, ние бараме имплементирање на правилата кои веќе ги имаме утврдено во нашето законодавство, а тоа се стандардите наведени во Директивата за отпад. Тие се засновани на хиерархијата во управувањето со отпадот, односно да се работи на спречување на создавањето на отпадот, а доколку ова е невозможно, отпадот да се селектира, реупотреби, рециклира, компостира или да се добие биоенергија“, велат тие.
Корисник на ЕУ проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање.