Македонија одигра 1:1 против Албанија во Струмица во натпревар од осмото коло во квалификациите за Светското фудбалско првенство во 2018 година, па дуелот со Лихтенштајн во последното коло ќе биде и последна шанса за домашната победа во циклусот по поразите од Шпанија (1:2), Италија (2:3) и Израел (1:2). Роши во 53 минута погоди за гостите, Трајковски во 78 минута од пенал им донесе израмнување на момчињата во црвено на стадионот „Младост“. Вечерашната фудбалска пресметка со западниот сосед беше вкупно десетта со биланс од четири победи на Македонија, две на Албанија и четири реми од кои ова беше прво со голови.
Избраниците на Игор Ангеловски може да жалат за неискористените прилики за победа. А, ги имаа две стоотстотни и во двете во главна улога беше Илија Несторовски, но голманот на Аталанта не дозволи да биде совладан од напаачот на Палермо. Ситуација за гол во второто полувреме имаше и Горан Пандев со глава, со удари од дистанца од игра и од прекини се закануваа и Енис Барди и Езџан Алиоски. Ефектот, сепак, изостана, па учесникот на последното ланското Европско првенство во Франција може да биде задоволен од освоениот бод како што и беше случај.
Македонија одново одигра добар натпревар, особено во второто полувреме. Постепено ги дозираше нападите кон целта, притискаше за посакувана реализација што ја дочека по најстрога казна и на неа остана и покрај тензијата во која ја држеше противничката одбрана. Храбар потег во завршницата повлече и селекторот Ангеловски кој за завршните пет минути плус судиското надополнување ги уфрли Тричковски и Радески наместо дефанзивецот Ристевски и коректорот Спировски. Со замените јасно даде до знаење дека атакува на трите бода. На крајот мораше да се помири со еден против дефанзивно ориентираниот состав на Кристијан Панучи меѓутоа барем се обиде да зграпчи уште два што беа така блиску, а, сепак, останаа далечни.
Македонија до крајот на квалификациите ја очекуваат уште два меча. На шести октомври ќе гостува на Олимпискиот стадион во Торино на селекцијата на Италија, а три дена подоцна ќе биде домаќин на Лихтенштајн.
Македонија – Албанија 1:1 (0:0)
Стадион: „Младост“ во Струмица. Гледачи: 5.000. Гл. судија: Јонас Ериксон. Асистенти: Матијас Класениус и Даниел Варнмарк (сите тројца од Шведска). Ж. картони: Ристевски, Муслиу (Македонија); Маврај, Кукели, Роши, Баша (Албанија). Стрелци: Трајковски во 78′ за Македонија; Роши во 53′ за Албанија.
Македонија (формација: 4-2-3-1): Димитриевски – Ристевски (Тричковски 87′), Велкоски, Муслиу, Ристовски – Барди, Спировски (Радески 87′) – Алиоски, Пандев, Николов (Трајковски 58′) – Несторовски. Селектор: Игор Ангеловски.
Албанија (формација: 3-5-2): Бериша – Маврај, Ајети, Хисај – Лулаку (Мемушај 46′), Аголи (Мемола 73′), Кулели (Баша 46′), Лила, Роши – Хика, Садику. Селектор: Кристијан Панучи.
Квалификации за СП 2018
Група Д, 8 коло
Австрија – Грузија 1:1
Република Ирска – Србија 0:1
Молдавија – Велс 0:2
Табела: Србија 18, Велс 14, Република Ирска 13, Австрија 9, Грузија 5, Молдавија 2.
Група Г, 8 коло
Македонија – Албанија 1:1
Италија – Израел 1:0
Лихтенштајн – Шпанија 0:8
Табела: Шпанија 22, Италија 19, Албанија 13, Израел 9, Македонија 7, Лихтенштајн 0.
Група И, 8 коло
Исланд – Украина 2:0
Косово – Финска 0:1
Турција – Хрватска 1:0
Табела: Хрватска 16, Исланд 16, Турција 14, Украина 14, Финска 7, Косово 1.