Кривичниот суд денеска преку соопштение официјално потврди дека судиите за оцена на обвинителниот акт ги издвоиле „бомбите“ како докази за случаите „Титаник 2“, „Тенк“, „Тендери“, „ТНТ“, „Топлик“, „Титаник“, „Тревник“ и „Тифани“. Во соопштението на судот пишува дека не може законски судски одлуки да се засноваат по незаконски стекнати материјали како што бил случајот со овие разговори. Специјалното јавно обвинителство има рок од три дена овие одлуки да ги обжали пред Апелацискиот суд.
Од судот, исто така информираат дека Апелацискиот суд, до Кривичниот суд ја доставила одлуката со која го поништува решението за одбивање на „бомбите“ во случајот „Триста“.
„ Апелациониот суд – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави решение со кое постапувајќи по жалба на СЈО против решение на Советот за оценка на обвинителен акт на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје за издвојување на доказите од списите во предметот „Триста“, ја уважил жалбата на обвинителството и првостепеното решение се преиначува и гласи: Предлогот на одбраната поднесен против обвинителниот акт на СЈО за издвојување на одредени докази од списите на предметот, се одбива како неоснован“, пишува во соопштението на Кривичен суд.
Кривичниот суд денеска најави дека го прифатиле обвинителниот акт за случајот „Труст“ против Сеад Кочан и дека првата јавна расправа за овој предмет ќе започне на 7 ноември. Од судот велат дека во најкус можен рок ќе биде закажана и главната расправа за случајот „Тотал“ во кој обвинет е Драган Павловиќ – Латас.