Членовите и симпатизерите на владејачката партија ДУИ, победата на Висар Ганиу, кандидат за градоначалник на општина Чаир ја прославија на плоштадот „Скендербег“. Уште од затворањето на кутиите па се до доцните вечерни часови Чаир и централното градско подрачје звучеа како да се наоѓаат во воена зона. Истрели од пиштоли и друг вид огнено оружје се слушаа уште пред да излезат официјалните податоци од Државната изборна комисија.
На видеото кое го објави телевизијата „Телма“, се гледа како Бујар Османи и Ганиу додека даваат изјави за медиумите, некој во непосредна нивна близина испукува неколку десетина куршуми, а политичарите се кријат и си ги покриваат ушите. Новинарите кои се наоѓале на настанот, сведочат дека неколку куршуми ја погодиле зградата до која политичарите давале изјави, па врз нивните глави се одронил бетон.
Од Министерството за внатрешни работи, не одговорија на прашањето дали на прославата имало полиција, туку кусо кажаа дека се работи на расчистување на случајот.
Османи на својот „фејсбук“ го осуди пукањето
Османи, утрово на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ го осуди пукањето со огнено оружје и напиша дека дури ни најубавите победи не значат ништо, ако не се учи на грешките од минатото.
„Граѓаните ни испратија јасна порака каков Чаир сакаат. Современа, урбана и европска општина во која безбедноста ќе биде еден од најважните приоритети на државата. За таква општина граѓаните ни дадоа доверба и таква општина треба им испорачаме. Оваа доверба не треба и нема да ја изиграме. Затоа, сакам да го осудам вчерашниот инцидент, кога нашите поддржувачи, нашите активисти и сопартијци, во еуфоријата на победата повторно славеа на небезбеден начин, со пукање од огнено оружје, загрозувајќи ја директно безбедноста на присутните сопартијци, поддржувачи и воопшто, на сите граѓани. Тоа не е прифатливо ниту за нас како раководство, ниту за присутните вчера кои се исплашија за својата безбедност, ниту за ДУИ како партија која тргна во имплементација на новите политички вредности. Севкупно, тоа е целосно неприфатливо однесување и тоа веќе не треба и нема да го толерираме“, напиша Османи.
Еднаш месечно барем по едно лице е повредено од залутан куршум
Според некои статистиките на МВР во Македонија барем едно лице месечно е повредено од залутан куршум.
Минатата година во Гостивар малолетно момче загина од залутан куршум што го погодило во глава, а малолетно девојче беше повредено откако залутан куршум го скршил прозорецот од нејзината соба и ја погодил во грб. Изминативе години од залутани куршуми повредени беа и други граѓани, а оштетени беа и возила и фасади од куќи и згради.
На новогодишната прослава на плоштадот „Македонија“ во 2005 година, тинејџерката Наташа Кметовска загина од залутан куршум.
Лани пред почетокот на новогодишните празници, МВР спореведе кампања за некористење оружје за прославите.
Куршумите можат да имаат дострел од 300 до 5.000 метри, ако се земат во предвид процените дека во Македонија најзастапени оружја што ги користи народот се калибрите за пушка 7,62 x 39 мм и 7,9 x 57 мм, како и калибрите 9 x 18 мм и 7,62 x 21 мм за пиштоли.