Денешното продолжение на собраниската расправа за Законот за јазиците, по паузата од локалните избори, наговестува дека дебатата помеѓу мнозинството и опозицијата во Парламентот ќе биде долга, ако се земат во предвид спротивните ставови за Предлог-законот.
Според парламентарното мнозинство, законот ќе придонесе за зголемување на соживотот, бидејќи истиот не го нарушувал унитарниот карактер на државата и е во согласност со Уставот.
Според нив, за тоа говореле и резултатите од локалните избори на кои можело да се види дека граѓаните ја дале поддршката за политиките на власта.
Од друга страна, пратениците од опозицијата, како и пред паузата во работата на Собранието, тврдат дека овој закон е неуставен и истиот ќе донесе двојазичност на целата држава.
Ане Лашковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека нема да се обидува со свои зборови да ја објаснува штетноста на предложениот закон, туку ќе ги чита одредбите за да можат граѓаните изворно да чујат што сака да направи оваа власт.
Пратеникот од ГРОМ, Панчо Минов, рече дека тој дава поддршка албанскиот јазик да биде службен, но, само во рамки на Уставот, а не воспоставување двојазичност и таму каде што не живеат Албанци.
Никица Корубин од СДСМ рече дека законот бил во согласност со Уставот и го посочи Амандманот 5 од Уставот, кој, како што рече, е основата за Законот за употреба на јазиците.
Предлог-законот предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.