Иран соопшти дека завршиле спасувачките операции во областите погодени од силниот земјотрес во кој загинаа најмалку 540 луѓе, а повредени се 8.000 лица, соопшти шефот на иранската служба за вонредни ситуации Пир-Хосеин Коливанд.
Оваа област на иранско-ирачката граница завчера ја погоди земјотрес со интензитет од 7,3 степени, кој е почувствуван во неколку ирански провинции, но најмногу беше погодена Керманшах.
Курдски здравствени работници соопштија дека во Ирак загинале најмалку шест лица, а 68 се повредени, додека во северните курдски области на Ирак загинале седум, а повредени биле 325 лица.
Мансуре Багери, иранска официјална претставничка на Црвената полумесечина, за Би-Би-Си изјави дека околу 12.000 станбени објекти “целосно се разурнати”.
Таа рече дека операциите за спасување завршиле и дека приоритет било луѓето да се сместат во засолништа колку што е можно побрзо.
Генерал-мајорот Мохамед Али Џафари, шеф на елитната Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ), рече дека во моментот земјата има итна потреба од шатори, вода и храна.
-Новоизградените згради … добро се држеа, но старите куќи изградени со земја беа целосно уништени, изјави тој за државната телевизија за време на посетата на погодениот регион.
Иранската Црвена полумесечина соопшти дека многу области немаат вода и струја и дека снабдувањето со помош е попречено од патишта кои се блокирани од лизгање на земјиштето..
Околу 30 тимови од Црвената полумесечина работат во зоната погодена од земјотресот, објави Ирна.
Земјотресот се случи во 21:18 по локално време (18:18 GMT) во неделата, околу 30 километри јужно од Дарбандихан во Ирак, во близина на североисточната граница со Иран.
Потреси беа почувствувани и во Турција, Израел и Кувајт.