Првиот меч на завршниот тениски Мастерс беше и последен за Рафаел Надал. Најдобриот светски рекет во моментот се повлече од настанот во Лондон поради повреда на коленото. Одлуката ја донесе по дуелот со Давид Гофан во кој Белгиецот славеше со 7:6, 6:7, 6:4.
„Имав обврска кон турнирот, кон градот и на крајот на краиштата кон себе. Се обидов со сите сили, се подготвував да бидам фит, направив се што треба меѓутоа навистина не сум во состојба да играм. Се борев до последен атом за време на натпреварот иако бев свесен дека можеби е последниот за мене во оваа сезона“, изјави Надал.
Шпанскиот тенисер ја обнови повредата на десното колено на Мастерсот во Париз. Болките не престанаа ниту во Лондон што резултира со втор отказ на голем турнир во низа и покрај напорите во меѓувреме за санација на повредата.
„Во случајот не станува збор за одлука туку болката одлучи. Немам доволни сила да продолжам. Се обидов и чудно е што резултатски бев така блиску во мечот“, додаде Надал.
Ваквиот епилог, сепак, не го загрозува неговото прво место на АТП листата што од претхоно е обезбедено. Но, за трофеј на турнирот што го нема освоено во кариерата ќе мора да почека во некоја од наредните сезони. На негово место во групата А е уфрлен Пабло Карено Буста.