Министерката за труд и социјална политика Мила царовска денеска изјави дека има информации за злоупотреби на исплатата на минимална плата, односно за барања од работодавците до работниците да им вратат дел од средствата. Таа апелираше работниците да се охрабрат, да пријават за да можат да се преземат мерки.
– Не само што е прекршок, туку е кривично дело вие од работникот да земате пари назад во кеш или да исплаќате плата на рака. Ги замолувам сите работници да се охрабрат и конечно да ја завршиме таа работа за злоупотреба на работната сила во компаниите. Јас искрено ќе стојам позади секој работник кој ќе пријави ваква злоупотреба или непочитување на законот, рече Царовска.
Според податоците на УЈП над 90 проценти од работниците кои имаат ниски примања ја добиле загарантираната минимална плата. Малиот интерес за субвенционирање на исплатата најверојатно е резултат на можноста на компаниите тоа да го направат без помош на државата, смета Царовска.
Малиот број барања за финансиска помош од државата за исплата на минималната плата, вели, е согласно нивните предвидувања дека фирмите имаат капацитет да исплатат плата од 12.000 денари.