Нова, трета, нула во низа на младата фудбалска репрезентација на Македонија во квалификациите за ЕП 2019 во Италија и во Сан Марино. Мерка на „црвено-жолтите“, по Србија и Гибралтар, им зема и Австрија која на „Телеком арена“ во Скопје триумфира со 4:0. Двоен стрелец беше Арнел Јакуповиќ во 12 минута и во 54 минута, по еднаш поентираа и Матијас Хонсак во 26 минута и Конрад Лајмер во 36.
Дилемите околу победникот беа разрешени уште по првите 45 минути. Младите Австријци наметнаа темпо на кое составот на Благоја Милевски немаше адекватен одговор. Згора на тоа демонстрираа и завидна реализација и на крајот сосема заслужено ги спакуваа трите бода за Виена. Македонија се закани неколку пати во првото полувреме. Двапати во главна улога беше Елмас, по еден удар кон противничкиот гол испорачаа Георгиев, Чешмеџиев и Амановиќ, но радост изостана.
Прилика за почесен погодок и ублажување на поразот имаше Бесар Исени во 85 минута меѓутоа ударот од белата точка на вардарецот не заврши зад грбот на Гартлер. Пет минути претходно македонската селекција остана со десет фудбалери на тревникот по црвениот картон (втор жолт) на Тихомир Костадинов.
Ова беше последен настап на младата селекција на Македонија во 2017 година. Циклусот за „црвено-жолтиот“ тим продолжува на 23 март догодина со дуел на домашен терен против Русија.
Во вториот меч од групата, Србија славеше на гостувањето во Ерменија со 1:0.
Македонија – Австрија 0:4 (0:3)
Стадион: „Телеком арена“ во Скопје. Гледачи: 500. Гл. судија: Жоао Пињеиро. Асистенти: Бруно Родригез и Нуњо Переира (сите тројца од Португалија). Ж. картони: Костадинов, Абаз, Садики (Македонија); Вебер, Маресиќ, Инголич (Австрија). Ц. картон: Костадинов (Македонија). Стрелци: Јакуповиќ 12’, 54’, Хонсак 26’, Лајмер 36’ за Австрија.
Македонија (формација 4-2-3-1): Јанков – Симовски, Чешмеџиев, Амановиќ, Костадинов – Кулески (Здравковски 46’), Елмас (Садики 68’) – Исени, Георгиев, Абаз – Селмани (Стојановски 46’). Селектор: Благоја Милевски.
Австрија (формација 4-2-3-1): Гартлер – Улман, Вебер (Љубичиќ 68’), Маресиќ, Инголич – Лајмер (Ловриќ 81’), Д. Баумгартнер – Хонсак, К. Баумгартнер (Прокоп 58’), Хорват – Јакуповиќ. Селектор: Вернер Грегорич.
Фудбал (У21) – квалификации за ЕП 2019
Група 7
Македонија – Австрија 0:4
Ерменија – Србија 0:1
Табела: Србија 15 бода (5 меча), Русија 10 (5), Австрија 9 (5), Ерменија 7 (7), Гибралтар 3 (6), Македонија 3 (4).
Наредни мечеви: Македонија – Русија (23 март), Гибралтар – Србија (23 март), Австрија – Македонија (27 март)