Заврши собраниската расправа за законот за употреба на јазиците во прво читање. Утре попладне пратениците ќе гласаат за потребата од донесување на законот за јазици.
Законот потоа оди во собраниската Комисија за европски прашањакаде ќе се поднесуваат амандмани. Бидејќи законот има европско знаменце, според Деловникот, расправата во Комисијата трае три дена, по што законот ќе оди на пленарна седница.
Илија Димовски, координаторот на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека неговата партија во оваа фаза ќе гласа против, дека ќе поднесат многу амандмани и ќе се обидат, како што рече да ги тргнат „одредниците што се против Уставот и дискриминаторските елементи за српската, ромската и бошњачката заедница, а не само на албанската“.
Законот се носи со просто мнозинство, мора да има кворум од 61, а од нив треба да гласаат 41 пратеник , плус по Бадинтер, односно да гласа и мнозинството припадници од малцинските заедници.