По елиминацијата од Шведска во бараж двомечот за СП 2018 во Русија, фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ) отпочна во преговори со Карло Анчелоти за преземање на националната клупа од Џан Пјеро Вентура.
Претседателот на ФИГЦ, Карло Тавекио верува дека поранешниот репрезентативец на „азурите“ и освојувач на три титули во Лигата на шампиони како тренер на Милан и на Реал Мадрид е вистинско решение за селектор.
Анчелоти е без ангажман од септември и отказот од минхенски Баерн. Доколку успее да најде заеднички јазик со раководството на ФИГЦ тој ќе дебитира како италијански селектор во пријателските мечеви со Англија и со Аргентина во март наредната година. За него јавно проговори и Фабио Капело пред реваншот со Шведска во Милано.
За попладнево е закажан состанок меѓу Тавекио и Вентура што, според медиумите на Апенините, се очекува да резултира со прекинување на соработката. Покрај Анчелоти во игра за наследници на Вентура се и Роберто Манчини и Луиџи ди Бјаџо.