Денеска се одложи првото рочиште за случајот „Тотал“ во кој за даночно затајување е обвинет новинарот Драган Павловиќ Латас.
Рочиштето е одложено затоа што според судијката не се создадени услови бидејќи обвинетиот не назначил свои претставници во две од вкупно трите фирми преку кои наводно се вршело даночното затајување. Адвокатките Анита Бегова и Светлана Савиќ кои го застапуваат Павловиќ во овој случај сметаат дека за да се постават нови управители на фирмите Судот треба да ја тргне мерката за забрана на потпис на Павловиќ Латас за тој да може да назначи управители.
Судијката и наложи на одбраната во текот на денешниот ден да се постават претставници на фирмите, во спротивно Судот сам ќе постави претставници од адвокатите кои се наведени во листата дека постапуваат по службена должност.
Според обвинението на Специјалното јавно обвинителство Драган Павловиќ во период од осум години давал лажни податоци во книговодствената евиденција на фирмите со цел да одбегне плаќање на данок.
Тој е обвинет дека со лажирање на книговодствената евиденција на фирмите Тотал Маркетинг Агенција, Тотал Маркетинг, Медиамакс и Тотал Медиа Центар ДООЕЛ Скопје избегнал да плати данок на државата во износ од 164 илјади евра.
Се работи за даночно затајување во периодот од 2008 до 2015 година. Латас како управител на овие фирми, ја намалил основицата за пресметување данок на добивка, го злоупотребил правото на одбивка на ДДВ и не пријавил лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход.