Претседателот на САД, Доналд Трамп ќе го признае Ерусалим за главен град на Израел и контроверзната одлука ќе биде соопштена денеска, изјави висок претставник на американската влада, пренеусваат американските медиуми.
По ова, Трамп се очекува да одобри американската амбасада да биде преселена од Тел Авив во Ерусалим, иако ова би можело да се случи за неколку години.
Израел ја поздрави промената, но палестинските и арапските лидери предупредија дека ова би можело да ги загрози мировните преговори за Блискиот Исток.
Според Саудиска Арабија, сојузник на САД, новата политика претставува сериозна провокација на муслиманите.
Израел секогаш го сметал Ерусалим за свој главен град, додека Палестинците го планираа Источен Ерусалим за главен град на идната палестинска држава.
САД на овој начин ќе стане првата држава која го признала Ерусалим за главен град на Израел од неговото основање во 1948 година.
Зошто одлуката за Ерусалим за некои е контроверзна?
Овој проблем е важен за конфликтот помеѓу Израел и Палестина. Градот е религиозен центар за јудаизмот, исламот и христијанството.
Израел го презеде целиот Ерусалим од Јордан во 1967 година во војната на Блискиот Исток и го смета за свој главен град.
Според мировниот договор од 1993 година помеѓу Израел и Палестина, статусот на градот треба да биде предмет на договор на крајот од целосното решавање на проблемот меѓу двете територии. Затоа Ерусалим никогаш не бил признат од друга земја, и сите држави своите амбасади ги имаат основано во Тел Авив.