Средствата кои Општина Центар во минатото ги одделувала за К.К Работнички секогаш се движел во рамките на средствата предложени пред советниците во општината за 2018 година, тврди заменик градоначалникот на Центар, Васко Кичевски.
Во изјава за медиумите, Кичевски вели општината ќе одвои 24 милиони денари, а уште 6 милиони очекуваат како донација, со цел да се стопира долгот кој се влечел во клубот уште од времето кога Тодоровиќ управуваше со општината.
„Работнички во моментов има 150.000 евра долгови кон кошаркари и стручен штаб. Донесовме одлука за ваков предлог во Буџетот за да не се влечи клубот по судови. И претходно буџетот бил сличен. Сме одвојувале 19 милиони денари за преку ребаланс да дојдеме до слична сума“, вели Кичевски.
Тој потенцираше дека како поранешен директор на кошаркарскиот клуб успеале изминативе 5-6 години долгот да го намалат од 250.000 на 150.000 евра.
Реагирајќи на новинарско прашање да направи паралела помеѓу средствата кои се одвојуваат за К.К Работнички и средствата за животна средина, Кичевски вели, за второто се издвојуваат повеќе средства.
Како што потенцираше тој доколку се погледнат сите програми за зеленило, комунални услуги и животна средина, сумата ги надминува 500.000 евра кои се наменети за К.К Работнички.
Предлогот за средствата од општинскиот буџет за 2018 година е пред советниците, кои во моментов расправаат за над десетина точки. Расправата ќе трае неколку седници и нема да се гласа денеска.
Претходно Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во знак на протест поради притворените сопартијци ја напуштија денешната седница.