Давор Шукер останува на чело на хрватскиот фудбал и во наредните четири години. На изборното Собрание на Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) што се одржа денеска во Загреб, поранешниот репрезентативец на „коцкестите“ доби 48 гласа, тројца беа воздржани, а против гласаше само Дарио Шимиќ.
Шукер едногласно го презеде раководењето со ХНС во јули во 2012 година. На позицијата го наследи Влатко Марковиќ кој 13 години беше претседател на хрватскиот фудбалски сојуз.
„Се пласиравме на Светското првенство, го унапредивме системот на натпреварување, се подобри се односите со домашните институции, а на високо ниво се односите и со меѓународните партнери“, рече Шукер во воведниот говор по реизборот.
Шукер беше единствен кандидат за функцијата. Апликацијата ја поднесе преку загрепскиот фудбалски сојуз пришто доби поддршка од 17 од вкупно 20 општински фудбалски сојузи во земјата. Хрватските медиуми пишуваат дека Собранието, во пресрет на гласањето, го напуштиле претставници на Хајдук и на сплитско-далматинскиот фудбалски сојуз.
Собранието на ХНС е со 59 делегати. Право на глас денеска имаа 56 од причина што општинските фудбалски сојузи на Истра (1) и на фудбалскиот центар Сплит (2) не успеаја да одредат свои кандидати.
Општинските фудбалски сојузи даваат 21 делегат, секој клуб во хрватска Прва лига има по два делегата (20), сите второлигаши имаат вкупно двајца, третолигашите имаат тројца претставници, од нисколигашите десет, а по еден делегат доаѓа од Синдикатот на фудбалери, од Здружението на тренери и од женскиот фудбал.