Серена Вилијамс е поразена во првиот настап по, речиси, четири месеци од породувањето. Јелена Остапенко од Летонија го доби дуелот со Американката со 6:2, 3:6, 10:5 во рамки на егзибицискиот турнир во Абу Даби.
Паузата што ја имаше во текот на 2017 година беше воочлива во играта на поранешната најдобра светска тенисерка. Сервисот, како едно од нејзините најсилни оружја, не беше на нивото на кое сме навикнале, а тоа го искористи летонската ривалка за убедливо добивање на првиот сет.
Серена Вилијамс возврати во наредниот и израмни на 1:1, но супер тај-брејкот, сепак, заврши на страна Остапенко која набрзина поведе со 5:0 и разликата успеа да ја сочува до крај.
Сопственичката на 23 гренслем трофеи по настапот рече дека „била загрижена за својата ќеркичка“ меѓутоа изрази задоволство што се врати на тениските терени.
„Постојано гледав во мојот камп и се прашував дали е добра Олимпија. Од друга страна е добро што се вратив на терен и првите мечеви по подолга пауза се секогаш тешки, особено по породување“, рече Серена Вилијамс по првиот настап во кариерата во Абу Даби.
Серена Вилијамс пред породувањето најави дека ќе настапи на Австралија опен во 2018 година. Првиот гренслем во сезоната почнува на 15 јануари и ќе трае до 28 јануари, а Американката ќе патува во Мелбурн како бранителка на титулата.