Американскиот претседател Доналд Трамп, во првиот говор за состојбара во државата, оцени дека Кина и Русија се ривали на кои САД мора да им се спротивстават со „неспоредлива сила“.
На заедничката седница на двата дома на Конгресот вчера тој исто така побара да бидат исправени, како што рече, „фундаменталните недостатоци“ на нуклеарниот договор меѓу светските сили и Иран.
Деведесет минутниот говор главно беше посветен на американските домашни прашања како обнова на инфраструктурата во земјата, епидемијата со опијати во некои американски региони и реформата на имиграциската политика.
Тој истакна дека Америка свртила нова страница во децениските „нефер трговски меѓународни договори“ кои се одразиле врз просперитетот на американскиот работник, работните места и економската моќ на нацијата.
Тој побара од обете партии да гласаат за изградба на модерна инфраструктура, која и е потребна на економијата и повика на отворена соработка со двете партии, Демократите и Републиканците, за јакнење на изградбата на на Америка дома и враќање на имиџот во странство.
Главниот акцент го стави на најголемите даночни кратења и реформи во американската историја, од кои, според него, најголема корист имаат средната класа и малите бизниси.
„Нема подобро време да се почне да се живее американскиот сон“, рече Трамп, истакнувајќи дека Американците ја сакаат својата држава и затоа заслужуваат нивната влада да им покаже иста љубов и лојалност за возврат.
Но, Трамп во дел од говорот се фокусираше врз главните надворешно политички предизвици со кои се соочуваат САД.
„Непријателски режими, терористички групи и ривали како Кина и Русија претставуваат предизвик за нашите интереси, нашата економија и нашите вредности“, рече Трамп, додавајќи: „Во конфронатцијата со овие опасности знаеме дека слабоста е најсигурниот пат до конфликт и оти неспоредливата моќ е најсигурниот начин за наша одбрана“.
Трамп побара максимален притисок врз Северна Кореја, нарекувајќи го режимот во Пјонгјанг за „сурово диктаторство“.
„Ќе продолжиме со кампањата за зголемување на притисокот врз режимот во Пјонгјанг да запре со развивање нуклеарно оружје“, изјави Трамп и најави дека нема да ја повтори грешката од претходните администрации да се најдат во неизвесна позиција.
Тој објави и дека потпишал наредба за натамошно функционирање на американскиот затвор Гвантанамо на Куба.
Согласно традицијата, демократите одговорија на обраќањето на претседателот Трамп. Годинава, таа привилегија ја имаше 37-годишниот конгресмен од Масачусетс, Џо Кенеди, внук на претседателот Роберт Кенеди, член на едно од најстарите политички семејства во Америка. Вообичаено, одговорот на обраќањето на претседателот го дава законодавец, кој важи за „ѕвезда во подем“ во партијата, која е во опозиција.
„Од актот за здравствена заштита, до економските, граѓанските слободи и права, демократската агенда стои како моќна спротивност на неисполнетите ветувањата на претседателот Трамп до американскиот народ“, оцени демократот Кенеди.