Ставре Јада врзува години за паметење во животот. Минатата година исполни А норма на крос кантри трка во Словачка за претворање на сопствениот олимписки сон во јаве. Оваа, пак, ја доби честа да биде и знаменосец на свеченото дефиле при отворање на 23. зимски Игри во Пјончанг.
Крушевскиот тинејџер за првпат во кариерата ќе биде дел од најголемиот планетарен настан. На 94. ФИС поени во ланската сезона додаде уште 97 во тековната како показател за нагорниот тренд во перформансите иако во Јужна Кореја ќе патува со единствен императив – да истрча во рамки на своите можности во спринт трката на 15 километри.
Покрај крос кантри, Јада е активен и во биатлон, но фокус во циклусот за претстојната Олимпијада, во договор со тренерот, решил да стави на нордиското скијање од две причини. Свесен е дека мисијата „А норма“ е потешка да се дофати како биатлонец, дисциплина која наложува поголема концентрација и истовремено контрола врз пушката.
Освен знаменосецот, во скромната спортска експедиција од Македонија во Пјонгчанг се вклучени и крос кантри скијачката Викторија Тодоровска која е пријавена за настап во трката на 10 километри и најискусниот меѓу нив, Антонио Ристевски кој А норма ќе учествува во техничките алпски дисциплини – велеслалом и во слалом.
Нивна придружба на 23. Зимска Олимпијада ќе бидат тренерите Иван Лесевски и Ѓоко Диневски, тим водачот Владимир Пановски, доктор Небојша Настов, спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богоевски и Сашо Поповски како лидер на делегацијата. Кон Пјонгчанг е планирано да отпатуваат на 7 февруари (среда), два дена пред отворање на Игрите што ќе траат до 25 февруари.