Ден пред утрешното започнување на Зимските Олимписки игри во Јужна Кореја, Северна Кореја денеска одржа воена парада во присуство на врховниот лидер Ким Јонг Ун.
Иако вообичаено парадата во Пјонгјанг се прави во април, наводно парадата се прави денес „за да им се покаже на Американците арсеналот со кој располага државата“.
Како што известуваат медиумите од светот, парадата била помала за разлика од претходно, а Ким Јонг Ун во својот говор рекол дека неговата земја била воена моќ од светски калибар.
Во фокусот на февруарската парада биле 4 Хвасонг-15 ракети.
Се работи за ракети кои можат да достигнат и 13.000 километри далечина.
Ова е за прв пат да бидат експонирани вакви ракети. Покрај Хвасонг-15, изложени биле и Хвасонг-14, Хвасонг-12 и Пукгуксонг-2 со помал дострел.
Според одредени информации, на парадата биле изложени и ракети кои изгледале како копии на руските 9К720 Искандер ракети кои се ракети со разорно дејство на блиска оддалеченост.
Парадата се одржувала на плоштадот Ким II Сунг, каде што парадирале околу 10.000 војници, а претходно во дефилето учествувале околу десетина илјади луѓе.