Собранискиот спикер, Талат Џафери, не одговори дали ќе понесе одговорност доколку Законот за употреба на јазици, кој денеска го изгласа Собранието, биде прогласен за неуставен од страна на Уставниот суд, тврдејќи дека тоа не е негова работа.
Воедно тој на прес-конференција по донесувањето на Законот, на која настана хаос бидејќи не се согласуваат пратениците од опозицијата, рече дека нема да дозволел нов „црн понеделник“ или „крвав четврток“, кога пратениците беа нападнати во Собранието.
„Во однос на однесувањето на сегашниот пратеник, а поранешен премиер, Никола Груевски, сметам дека нема потреба јас да го коментирам, бидејќи кога ќе го видат граѓаните, ќе го кажат своето. Од моментот кога ја презедов должноста претседател на Собранието, бев свесен за сите предизвици што ме очекуваат. Нема да дозволам за време на овој мандат да се врати сликата како што беше Собранието на 24 декември и на 27 април минатата година. Однесувањето на пратениците не треба да биде сфатено како провокација на меѓуетничките односи, туку треба да се види само какво е однесувањето на пратениците“, рече Џафери коментирајќи го нападот од страна на пратеникот Никола Груевски.
Тој вели дека при првото гласање, Законот за јазици добил 64 гласања, а по гласање на пратениците од немнозинските заедници, тоа се вршело рачно бидејќи Груевски му го расипал електронскиот систем за гласање. Џафери вели, вкупно 24 пратеници гласале „за“ законот во второто гласање.
Собранискиот спикер рече дека нема да преземе никакви активности против Груевски, а мерките ќе ги остави на граѓаните. Според Џафери, секој пратеник може да постапува како што мисли.