Околу 55 параграфи, со сите отворени прашања, сместени на 20 страници, ги содржи грчката нацрт-предлог спогодба меѓу Македонија и Грција, соопшти грчкото радио „Атина 984“, пренесува МИА.
Притоа се наведува дека нацрт предлогот е подготвена од грчкото МНР, опширно разгледан меѓу премиерот Алексис Ципрас и Никос Коѕијас, а ги содржи точките што ги најави и самиот шеф на грчката дипломатија.
Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање оценува дека посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас на Скопје и преговорите со медијаторот Метју Нимиц се можност за приближување кон решавањето на проблемот што го има Грција со нашето уставно име.
– Верувам дека е можно да се најде решение и оптимист сум ако притоа водиме сметка за достоинството и за идентитетот. Мене ми е важно како тоа ќе го прими грчката јавност и дали ќе биде прифатливо низ нивните институции. Верувам дека и на грчките политичари и на премиерот Ципрас треба да им биде важно како тоа ќе биде прифатено овде од граѓаните на Македонија, но и како ќе помине низ институциите на системот, изјави Заев.
Тој посочи дека луѓето што преговараат се само поединци, а на крајот институциите на Македонија и на Грција се тие коишто одлучуваат.
– Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но секако да се приближиме зашто деновите и месеците се трошат, а ние сакаме до летото да го имаме решено овој проблем. Верувам дека тоа сака да го направи и грчката страна, потенцира Заев.
Тој посочи дека ги информира претседателот на државата и опозицијата за текот на преговорите кога смета дека има потреба за тоа.
Најави дека по средбата со Нимиц наверојатно ќе следува и нова лидерска средба.