Официјална Москва смета дека доколку Македонија влезе во НАТО, тоа може да има негативни последици по регионалната безбедност и билатералните односи меѓу двете земји.
Ова го соопшти руското МНР, по средбата меѓу заменик- министерот Александар Грушко и нашиот амбасадор во Русија, Гоце Карајанов.
„На средбата беа разменети мислења за ситуацијата на Балканот. Од руска страна беа подвлечени негативните последици за регионалната безбедност и билатералните односи од плановите за присоединување на Македонија во НАТО“, се вели во соопштението од руското Министерство за надворешни работи.
Двајцата соговорници, меѓу другото, истакнале подготвеност за соработка во областите од заеднички интерес, како и важноста да продолжи работата на Руско- македонската меѓувладина комисија за трговија, економија, за научна и технолошка соработка.
Оваа реакција следува по неколкуте изјави на македонскиот државен врв дека земјата се движи кон целосно интегрирање во НАТО и Европската Унија.
Порака дека таквиот исход ќе ги подобри состојбите на Западен Балкан испрати неодамна и првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг, кој беше во посета на државата во јануари годинава.