На прашањето на НОВА: „Кој е ставот на амбасадата на Русија за говорот на омраза и навредите што беа упатени од протестот што го организираше партијата „Единствена Македонија“?, од Амбасадата на Руската федерација го испратија следново соопштение.
„Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија не е иницијатор или организатор на митингот пред руското дипломатско претставништво што се одржа навечер на 3 април оваа година.
Амбасадата на Руската Федерација им се заблагодарува на учесниците на митингот и во нивното лице на сите граѓани на Република Македонија кои во овие за нас тешки денови му изразија сочувство и поддршка на рускиот народ по повод неодамнешната трагична смрт на 64 луѓе во пожарот во Кемерово, а исто така и на сите оние кои се залагаат за пријателство и конструктивна соработка меѓу Русија и Македонија, ги осудува провокациите против Русија, вклучувајќи го и протерувањето на рускиот диплломат од Скопје како чин кој ги поткопува традиционално пријателските односи меѓу нашите две земји.
Амбасадата на Руската Федерација не се меша во внатрешните работи на Република Македонија, не е орган за цензура и верува дека нема право да дава јавна оценка по прашањата од слободата на изразување во земјата-домаќин.
Истовремено со оглед на вашиот интерес кон темата на говор на омраза, а исто така земајќи предвид дека медиумите не се обврзани со Виенската конвенција од 1961 година, би ви замолиле да одговорите на нашето повратно прашање – „Каков е ставот на редакцијата на НОВА-ТВ во однос на грубите и навредливи зборови на британски политичари на адреса на Русија и нејзиниот Претседател повеќекратно објавени во медиумите на Република Македонија, како и во однос на многу провокативната слика објавена во „Независен весник“ од 22 март оваа година во колумната на Амбасадорот на Велика Британија Чарлз Гарет?“пишува во соопштението од амбасадата на Русија.
НОВА соопштението го објавува во целост, бидејќи Амбасадата на Руската федерација тоа го постави како услов за да одговори на нашето прашање.
Инаку, за прашањето поставено до НОВА, ги упатуваме одговор да побараат од медиумите кои што ги споменуваат во соопштението.