Премиерот Зоран Заев изјави дека сите прислушувани разговори се доставени до СЈО, вклучувајќи ги и оние кои се однесувале на „Монструм“. Минатата недела, еден од родителите на убиените момчиња побара премиерот да биде стражарно спороведен, за да ги достави сите материјали кои ги поседува за овој случај.
Заев денеска одговори дека доколку биде повикан за сведок, ќе ја прифати поканата и кажа дека на дел од родителите на убиените деца им покажал транскрипти од разговорите кои биле поврзани со дел од обвинетите.
„Поради болката што ја чувствуваат родителите на починати деца, во просториите на СДСМ им покажав разговори, во кои видовме како едно од осудените лица Фејзи Азири, ѕвони и разговара со Невзат Бејта кој тогаш беше градоначалник на Гостивар и го моли за 450 евра субвенции за овци. Јас им го покажав тоа на родителите и тие ги видоа со кого разговарале и тие што сега ги викаат „скриени телефони“ и потоа сето тоа го предадов“, рече Заев.
Премиерот очекува вистината за овој случај да биде докажана на суд каде ќе бидат презентирани сите докази со кои располага Специјалното јавно обвинителство.
Рочиштето за „Монструм“ беше одложено минатата недела, откако еден од обвинетите Фејзи Азири не дојде на судење. Родителите на убиените деца го повикаа премиерот да ги достави сите прислушувани разговори и да се изврши претрес во просториите на СДСМ, за да се провери дали има други прислушувани разговори.
Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека СЈО ќе ги искористи сите човечки и технички ресурси за да се утврди вистината.
Обвинетиот Фзилу , од вчера е вратен во затворот во Штип за издржување на затворската казна за друго дело- нелегално поседување оружје, откако Кривичниот суд ја одби молбата, да му биде продолжен прекинот на издржување на казната.
Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден. Во трагедијата животот го загубија Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.
СЈО го презеде „Монструм“ минатиот месец. Тогаш специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека очекува судскиот процес да продолжи во фаза во која е прекинат и дека се подготвени да го презентираат предметот пред Судот.