ВМРО ДПМНЕ денеска побара раководството на РЕК Битола да одговори дали се точни информациите дека работниците ангажирани преку СВ-Инвест за потребите на РЕК Битола, земале помала сума од онаа што била договорена. Според Орце Ѓорѓиевски од ВМРО ДПМНЕ, околу 2/3 од парите од 21 милионскиот договор за ангажирање на работници, склучен во четири очи помеѓу РЕК Битола и СВ – Инвест завршуваат во приватни џебови, наместо кај работнциците.
„Според информации кои доаѓаат до нас СВ-Инвест која со РЕК Битола има склучено договор за ангажирање на работници по цена од 197 денари од час по работник, на работниците им исплаќа само по 75 денари од час. Или тоа е 1/3 од парите кои ги добиваат по работник. Овие уплатници го потврдуваат токму она за што говориме. На оваа уплатница стои сумата која што еден работник ја земал во текот на еден работен месец“ рече Ѓорѓиевски.
Ова значи дека само 8 милиони завршуваат кај работниците. Од партијата обвинуваат дека поради вакви малверзации и криминали била поништена транспарентната и редовна постапка за ангажирање на работници и е склучен договор во четири очи со фирмата СВ – Инвест.