Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер денеска во своето обраќање во грчкиот Парламент ја нагласи итноста од решавањето на прашањето за името меѓу Македонија и Грција.
– Господине претседателе, пред вашиот Парламент ќе кажам нешто што го кажав кога неодамна бев во Скопје, каде што беше поставено прашањето за името на оваа земја. Јас не сум надлежен да ви дадам некоја насока, ниту идеи ниту пак правци во однос на прашањето што треба во секој случај да го решите меѓу вас. Но, дозволете ми да ја нагласам итноста што го карактеризира решавањето на проблемот, со оглед на комплицираниот регион. Ги имам на ум зборовите на Черчил: овде историјата што се произведува не може да се консумира, толку е голема, рече Јункер, пренесува МИА.
Претседателот на ЕК, во обраќањето пред пратениците, во присуство на грчкиот претседател, меѓу другото, говореше и за земјите од регионот и нивната европска иднина. Рече дека Грција е столб на стабилноста во регионот, а на Западен Балкан му е потребна европската перспектива, за да не се повторат, како што рече, драмите што ги доживеавме во 1990-те години.
Претседателот на ЕК истакна дека препораката за почеток на пристапни преговори со ЕУ, не значи и доделување датум.
– Сите оние проблеми, посебно конфликти на границите што би можеле да создадат и билатерални судири, ќе треба во секој случај да се решат пред било какво пристапување. За да бидам целосно јасен, сакам да кажам дека, кога Европската комисија предложи, а тоа беше пред една седмица, почеток на преговорите за пристап за Албанија, но и за ПЈРМ, ова не значи дека сме дале датум за да почнат овие преговори за проширување и интеграција. Воопшто не е даден таков датум за интеграција. Внимание! Не треба да се потпираме на нереални најави, не е можно да се случува тоа, рече Јункер, додавајќи дека сите земји кандидати ќе се оценат објективно, врз база на нивните вредности и критериуми.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас по денешната средба со претседателот на Европската комисија, изјави дека Грција за првпат на толку решителен начин се обидува да најде заемно прифатливо решение за прашањето за името, со гаранции дека ова прашање ќе има конечно решение.

Вчера во Виена се одржа последната во низата преговарачки сесии меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, на која присуствуваше и медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц.
По средбата не беа откриени повеќе детали, а медијаторот Нимиц во кусата изјава рече дека имало интензивна дискусија во која двете страни покажале меѓусебна почит.
– Двете страни се посветени на постигнување решение и процесот ќе продолжи во следните недели, изјави Нимиц.
Министрите Димитров и Коѕијас по средбата не дадоа изјави за медиумите.
Шефот на грчката дипломатија денеска ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а една од темите на кои ќе разговараат, како што пренесоа грчките медиуми, ќе биде и прашањето за името.
Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција следната средба ќе ја имаат во Солун на 3 и 4 мај, а една седмица потоа и во Сунио.