Ракометарите на Вардар по вторпат ќе играат на завршниот турнир во Лигата на шампиони. „Црвено-црните“ загубија од Кил во реванш четврт-финалето со 27:28, но благодарение на триумфот со 29:28 во „Шпаркасе арена“ во минатиот викенд се придружија на ПСЖ и Нант на Кире Лазаров на Фајналфорот во Келн. Четвртиот патник ќе биде познат вечерва по возвратниот дуел меѓу Монпелје и Фленсбург.
Вардарци помалку во грч го одиграа реваншот со Кил. Дел од причините сигурно лежат во фактот дека за последен пат во овој состав настапија во СЦ „Јане Сандански“, дел лежи и во притисокот што го носеа 60. минути, дел, пак, и во самиот ривал кој во најголем дел од средбата фаќаше и одржуваше резултатски чекор, но постојано заостануваше на семафорот освен во воведниот дел во кој поведе со 0:3. Домашните возвратија со идентична мерка и до самиот финиш не дозволија да отидат во минус. На крајот, сепак, завршија покуси за гол од германскиот претставник меѓутоа поради поголемиот број на постигнати погодоци во гости си обезбедија прилика да го бранат тронот во елитното натпреварување на ЕХФ.
Вуко Борозан беше најефикасен вардаров играч со шест гола, пет во поразот што е еднаков на победа додаде Лука Циндриќ. По петпати во листата на стрелци за бундеслигашот се запишаа Миха Зарабец, Патрик Винцек и Никлас Екберг.