Некогаш беше страв и трепет за противничките играчи, беше фудбалски херој на нацијата за која приреди многу моменти за радост и задоволство, но денеска е протеран од своја земја и одземен му е сиот имот. Хакан Шукур, кој важи за еден од најдобрите турски фудбалери на сите времиња, е прогласен за „предавник и терорист“, живее далеку од своето огниште со страв за себе и семејството. Судбината го однесе во Пало Алто, Калифорнија, каде е сопственик на пекара во која и самиот служи.
На бегство од сопствената земја беше принуден, откако се спротивстави на претседателот Реџеп Таип Ердоган преку чија партија стана пратеник во турскиот Парламент во 2011 година, а пет години подоцна реши да смени дрес и да даде поддршка на движењето на Фетулах Ѓулен. И од тој момент настапи пекол за стрелецот на најбрз гол во историјата на Светските фудбалски првенства.
„Најголем дел од муштериите во „Тутс“ не го препоставаат згодниот и убаво облечен маж кој ги собира употребените чаши и прибор за јадење по масите. Луѓето кои влегуваат во локалот го насочуваат своето внимание кон менито што е испишано на големиот ѕид. Гостите притоа нарачуваат кафе, чај или традиционален турски појадок. За ручек, можеби, колбаси или турски месни кругчиња“, пишува угледниот американски весник „Њујорк Тајмс“ во приказната посветена за поранешниот фудбалер на Галатасарај, на Торино, на Интер, на Парма и на Блекбурн и, секако, на репрезентацијата на Турција.
Хакан Шукур, со одлука на државата, е избришан од турската спортска историја, од клупската на Галатасарај и на целокупниот фудбал во земјата. Одземен му е целиот имот, прогласен е за државен непријател и заврши на меѓународна потерница.
„Ја сакам Турција, го сакам турскиот народ. Медиумите под контрола на државата ја изобличија сликата за мене меѓу моите сонародници. Можеби во иднина ќе можам повторно да одам таму. Нема засекогаш да биде мрак. Верувам дека еден ден ќе се врати светлото. Мракот не трае вечно“, изјави Шукур во дел од разговорот за „Њујорк Тајмс“.

Екс репрезентативецот на Турција открива дека добивал совети од пријатели да изрази јавна поддршка на Ердоган и неговите политики со цел да добие во владение се што му е одземено и да може да се врати во татковината. На такви нешто, сепак, не се согласил.
„Ако ги послушав тогаш и го поддржев Ердоган, можев убаво на живеам. Ако играв по нивните правила и правев што сакаат, веројатно сега ќе бев министер. Но, еве ме овде како продавам кафе“, коментира Шукур.
Американска виза истекува во 2020 година, но фудбалскиот миленик на Турција од минатото не сонува за продолжување на престојот во САД туку за враќање дома.
„Овде, во Америка, е поинаку. И сами гледате како Леброн Џејмс зборува против претседателот и никому ништо. Тоа е важно, важно е за слободата на луѓето. Овде може да кажете што сакате за разлика од мојата земја во која ќе имате проблеми. Илјадници луѓе живеат во таква ситуација. Не можам да бидам себичен и да мислам само за мене и да се борам за свое добро. Така не би се почитувал ниту себеси ниту мојата личност. Се надевам дека еден ден ќе се вратам во Турција“, истакна Шукур.
Шукур не отстапува од спортот, поточно, од фудбалската игра и покрај 46 години што ги има. Тој настапува за аматерски клуб во Пало Алто каде и живее, а на меч неодамна постигна дури 11 гола.