Горан Пандев со неславен настап за Џенова во 36. коло во Серија А. Одигра 25 минути на „Луиџи Ферарис“ (во игра влезе на почеток на второто полувреме) и на терен се задржа до 71. минута во која доби директен црвен картон од судијата Манганиело по груб старт врз противнички фудбалер. Исклучување подоцна заработи и Ервин Зукановиќ, за неспортско однесување, иако интернационалецот од БиХ беше на клупата за резервни играчи.
Џенова на крајот загуби со 2:3 во натпревар без резултатско значење по неа од причина што опстанокот за наредната сезона е осигуран, но затоа за гостите беше и тоа како важен во борбата за шестото место кое води во квалификациите за Лига Европа. Позицијата моментно ја држи Милан со 60 бода, еден повеќе од Аталанта и три од „виолетовите“ од Фиренца.
Неапол потона во фудбалско разочарување попладнево. Торино им откина бод на наполитанците под Везув (2:2) и практично го потврди новото Скудето во витрините на Јувентус. Дрис Мертенс во 25. минута и Марек Хамшик во 71. минута погодија за составот на Маурицио Сари, Даниеле Басели во 55. минута и Лоренцо де Силвестри во 83. минута за гостите по асистенции на Адем Љаиќ.
Јувентус во рамки на 36 коло ја совлада Болоња со 3:1 и на две кола до крај на сезоната има шест бода повеќе од Наполи. Пред „старата дама“ се уште мечеви со Рома на „Олимпико“ и против Верона на домашен терен, небесно-сините ги очекува гостување кај Сампдорија и меч со Кротоне на „Сан Паоло“.
Серија А
Резултати, 36. коло
Сасуоло – Сампдорија 1:0
СПАЛ – Беневенто 2:0
Наполи – Торино 2:2
Лацио – Аталанта 1:1
Џенова – Фиорентина 2:3
Киево – Кротоне 2:1
Удинезе – Интер 0:4
Јувентус – Болоња 3:1
Милан – Верона 4:1
Калјари – Рома (недела, 20,45 ч.)
Табела: Јувентус 91, Наполи 85, Лацио 71, Рома 70 (-1), Интер 69, Милан 60, Аталанта 59, Фиорентина 57, Сампдорија 54, Торино 48, Џенова 41, Сасуоло 40, Болоња 39, СПАЛ 35, Киево 34, Кротоне 34, Удинезе 34, Калјари 33 (-1), Верона 25, Беневенто 18.