Манчестер сити расчисти една дилема по завршување на сезоната во англиската Премиерлига. И не само за наредната туку и за двете по неа. Пеп Гвардиола останува на „Етихад“ до 2021 година и според британските медиуми ќе биде најплатен менаџер во Европа. Ваквиот потег на богатите шеици се толкува како начин за изразување на задоволство од убедливо освоената титула на „граѓаните“ пред градскиот ривал Јунајтед и останатите ривали во елитното англиско фудбалско друштво.
„Не можам да опишамн колку сум среќен и возбуден. Работата овде е задоволство. Уживам во секојдневните обврски со играчите и убеден сум дека ќе продолжиме да даваме максимум и во годините што доаѓаат. Како тренер најважно е чувството на пријатност со фудбалерите што ги тренирате. Моето е одлично“, истакна актуелниот менаџер на Сити, Пеп Гвардиола кој претходно ги водеше Барселона и Баерн Минхен.
Гвардиола е на клупата на Манчестер сити од летото во 2016 година и според новиот договор, како што пишуваат медиумите на Островот, ќе заработува 23 милиони евра по сезона.