Екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска преку отворено писмо им се обрати на министерките Рената Дескоска и Мила Царовска, барајќи заштита на нејзините права. Таа во писмото тврди дека се интензивира бројот на рочишта за случајот „Тенк“, а таа е во крајната фаза од својата бременост.
„Во период од само еден месец закажани се осум термини за рочишта во овој предмет, кој по својата природа по ниту еден законски критериум не би можел да се смета за итен. Термините на закажаните рочишта го опфаќаат периодот помеѓу 38 и 42 недела од бременоста, што е дури 2 недели после крајниот термин за породување. Ваквото постапување на судијата и на СЈО го покажува нивното вистинско лице на бескрупулозен извршител на политички нарачки“, пишува во отвореното писмо од Јанкулоска.
Јанкулоска вели дека писмото го насочува кон министерките, бидејќи, според неа, во правосудните органи владее општ молк за прашања од нивна надлежност.
„Дали ова е начинот на кој Република Македонија се грижи за спроведување на Европската конвенција за човекови права? Дали вака го рамислувате реформираното судство и дали ваквиот начин на работа на судиите е утврден во Комитет за реформи на правосудството? Вас, госпоѓо Царовска би сакала да ве прашам, дали може да објасните какви права опфаќа породилното отсуство, дали некој може овие права да ги забрани“, се вели во писмото.
Јанкулоска неделава не се појави на рочиште за предметот „Тенк“, по што Судот побара од Клиниката за Гинекологија, да утврди во кој месец од бременоста е обвинетата и дали е во состојба да ги следи рочиштата.
Во случајот „Тенк“, за незаконска набавка на блиндираниот мерцедес од 600 илјади евра, за Јанкулоска се води одвоена постапка поради бременоста. За останатите обвинети, веќе паднаа пресуди.
Поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски доби шест ипол години затвор, додека на екс премиерот Никола Груевски, Судот му определи двегодишна законска казна.