„Македонското прашање: Придобивките од договорот и перспективите на Балканот“ е насловот на политичкиот настан-дискусија што вечерва го организира огранокот на СИРИЗА во Солун. Паралелно, како реакција и во знак на несогласување со потпишаниот договор, навивачите на ПАОК, но и членови на солунско движење најавија протест пред културниот центар каде што ќе се одржи дебатата, објави МИА.
На настанот организиран од владејачката партија, планирано е да говорат пратеникот на СИРИЗА од Солун, Триандафилос Митафидис, координаторот за европска политика во СИРИЗА, Јоргос Верверис и професорот по политички науки од солунскиот универзитет Аристотелис, Вермуд Орбаке.
Навивачите на ПАОК, пак, најавуваат „пречек како што им доликува“ и ветуваат дека „нема да се одржи таков понижувачки пропаганден настан“.
– На 17 јуни ја потпишаа нивната конечна и неотповиклива пресуда, отстапувајќи го македонското културно наследство и признавајќи паралелно македонски јазик и идентитет за една државичка на Словените. Но, не останаа само на тоа, туку се обидуваат да не убедат за „огромниот успех“ на оваа нивна постапка и организираат настан за „придобивките“ од договорот, соопштуваат навивачите на ПАОК.
Независно од овој протест, на мирен собир, пред културниот центар во Солун повикуваат и од солунското движење под име „Движење Свирам“.
Со мали инциденти, пред канцелариите на Независни Грци, и вчера се одржа протест во Солун, против Договорот меѓу Македонија и Грција.
Тој беше организиран преку социјалните мрежи, група под името „Обединети Македонци“.
Протестот започна од Белата кула во центарот на Солун, а продолжи низ улиците, додека насобраните граѓани извикуваа слогани против владата, но и дека Македонија е грчка.
Во текот на протестот, демонстрантите застанаа пред конзулатот на Република Македонија и пред американската амбасада, па продолжија кон канцелариите на СИРИЗА и Независни Грци.
Пред канцелариите на Независни Грци, мала група маскирани лица, ги нападна полициските сили со дрва и камења, а полицајците одговорија со солзавец. Инцидентот траеше кратко, страстите се смирија, а протестот продолжи и заврши мирно онаму каде што и започна – пред Белата кула.
Во изјава за грчката новинска агенција АНА –МПА еден од петтемина организатори вели дека го исполниле нивното демократски право, отворено да го изразат нивното несогласување за договорот од Преспа.
– Нашата цел беше да се слушне гласно дека Солун не се согласува со конкретниот договор, вели Димитрис Зиабазис, еден од организаторите, за АНА-МПА.