Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ и добивањето покана за НАТО би дало одлучувачки придонес за успешно спроведување на историскиот договор со Грција и за подобра иднина на македонските граѓани, рече македонскиот премиер Зоран Заев во обраќањето на тема „Кон заедничка европска иднина на Југоисточна Европа – примерот на Македонија“ во австрискиот Институт за меѓународни односи (ОИП) во Виена.
– Македонија направи голем скок напред само за една година, од работ на неуспех кон нашите најголеми аспирации – ЕУ и НАТО. Кога го потпишавме договорот со Грција за решавање на спорот и стратешкото партнерство поместивме планини и не треба да се сомневаме, тоа беше постигнато со нашата чесна желба за подобра сегашност и иднина на граѓаните на Македонија, регионот, Европа и светот, рече премиерот Заев.
Тој посочи дека „чудата се можни кога цврсто веруваме во вредностите“, а тоа, рече, во случајот со Македонија се европските вредности што, како што рече „не поттикнаа да го изложиме целиот наш политички кредибилитет и да бидеме транспарентни, ова е нашиот пат, ние се отвораме кон целата политичка и општествена јавност и затоа напредуваме“.
Новата демократска Влада, рече Заев, по 10-годишен режим, влезе во реформската акција за обнова и развој на демократските вредности, владеењето на правото и правдата, безбедноста на граѓаните и нивната економска стабилност, во обнова на односите со нашите пријатели во меѓународната заедница и во оживување на односите со сите пријатели на Македонија од меѓународната заедница.
– Ние покажавме лидерство во обидот да ги затвориме сите отворени прашања со нашите соседи. Благодарение на истите искрени напори на владите на Бугарија и Грција и зрелоста на земјите од сите земји во Југоисточна Европа, успеавме да испратиме силна порака – дека Западен Балкан или Југоисточна Европа, е Европа, порача Заев.
Тој информира дека договорот е ратификуван, дека ќе се организира референдум на есен и изрази убедување дека македонските граѓани ќе ги поддржат вистинските одлуки“.
Заев потсети дека Македонија го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ во 2001 година, доби кандидатски статус во 2005-та година и првата препорака во 2009-та година, кога остана во “чекалната” за подготовка за преговори за пристап.
– Денес сме подготвени и политички и институционално. Ние сме охрабрени од стратегијата за проширување на ЕУ. Ние ги имплементиравме условите поставени од страна на ЕУ во 2014/2015 година и имаме јасна препорака, рече премиерот Заев.
Тој посочи дека Македонија е лојален и сигурен партнер на НАТО со ангажманот во ИСАФ мисијата во Авганистан, со распоредени над 4.000 војници од 2002 година, дека земјата е посветена на армиските реформи (годишниот буџет се зголемува за 0,2% од БДП), како и на реформски процеси што им носат добро на граѓаните и на Македонија и се засноваат на демократските вредности кои се европско и глобално наследство: инклузивно управување, „едно општество за сите “, систем на добро владеење.
Истакна дека над 75 отсто од граѓаните ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ и НАТО, со чиишто членки, како што рече, делиме исти вредности.
Потенцира и дека Република Македонија била во длабока политичка криза во 2015-2016 година, со авторитарен режим, заробување на државата, тензии со соседите и внатрешна поларизација, но оти дека направила квантен скок: од „заробена држава” до подобрување на демократијата.
– Сега сме функционално мултиетничко и мултирелигиозно општество, засновано на силно владеење на правото, земја во којашто граѓаните имаат еднакви права, но и еднакви обврски пред законот. Покажавме дека разликите може да бидат предност, а не пречка. Ние го носиме ова во Европа и ја збогатуваме Европа со традиција и култура. Македонија е мала земја, но голема надеж за Балканот. Ние сме позитивен пример и ги охрабруваме другите да ги удвојат напорите за реформи и да ги надминат споровите, рече македонскиот премиер.
Во граѓаните на Македонија, вели тој, европските граѓани добиваат сојузници во напорите за развиен, стабилен и свет на просперитет во којшто се почитуваат човековите права, што е нашата човечка политичка и човечка должност.
Организатори на дебатата се Институтот и Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ) и Балканската советодавна група за политика во Европа.