Светското фудбалско првенство продолжува без, сè уште, актуелниот светски шампион. Германија не успеа да излезе од групата Ф на мундијалот во Русија и по само три одиграни меча се враќа дома како последнопласирана на табелата. Капак на неубедливите партии на „панцирите“ беше поразот од Јужна Кореја со 0:2 за елиминација на составот на Јоаким Лев како најголемо изненадување на досегашниот тек на турнирот.
„Разочарани сме. Елиминирани сме на Светското првенство у ужасно сме разочарани. Честитки до противниците, ние не заслуживме да продолжиме. Не заслуживме шанса за одбрана на титулата, не заслуживме да се пласираме во нокаут фазата. Уште во моментот кога слушнавме дека Шведска води со Мексико, среќата почна да н` врти грб. Заслужено излеговме од игра“, изјави Лев.

Кормиларот на германската репрезентација притоа презеде и вина и одговорноста за епилогот во Русија.
„Резултатите во подготвителниот период не беа важни, но помисливме дека само ќе притиснеме копче и ќе забрзаме кога ќе почне турнирот. Верувавме дека штом почне Светското првенство, сите работи ќе се наместат. Играчите не ги обвинувам за тоа. Се боревме и загубивме. Тие дадоа максимум, но не одеше“, дополни Лев.
Раната елиминација на Германија, се чини, нема да се одрази врз неговото работно место. Лев пред почеток на СП 2018 го продолжи договорот со Фудбалската федерација на Германија со 2022 година и Светското првенство во Катар.
Шведска во вториот меч во групата Ф го совлада Мексико со 3:0 и заврши на првото место на табелата. Швеѓаните во осминафиналето ќе играат со второпласираната репрезентација во групата Е во која моментно играат Србија – Бразил и Швајцарија – Костарика. Мексико, пак, во првата рунда од нокаут фаза ќе игра со најдобриот тим во Е конкуренцијата.