Обвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков рече дека го разбрал обвинението, но дека не се чувствува виновен.
„Не сум виновен“, рече Мијалков во судницата, а истото го изјавија и поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешниот шеф на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски. Тие исто така кажаа дека разбрале за што се обвинети, но дека не се чувствуваат виновни.
Според СЈО, осомничените преку фирмата „Финзи“, со која во еден период управувал сега починатиот Коста Крпач, набавувале опрема за УБК и го оштетиле буџетот за 862.045 евра.
Претходно, судијката Џенета Бектовиќ одлучи на поранешен началник во УБК, Горан Грујевски, да му се суди во отсуство.
Случајот „Трезор“ започна денеска во Основниот суд Скопје 1, по четири месеци одложување поради бегството на Грујевски.