Поранешниот градоначалник на вториот по големина грчки град, Солун, Василис Папајоргопулос, е осуден на осум години затвор за перење пари во врска со незаконско присвојување на општинските фондови.
Денешната одлука е втора пресуда против Папајоргопулос, поранешен шампион во спринт, кој беше градоначалник на Солун од 1999 до 2010 година.
Папајоргопулос претходно доби 12 години затвор за проневера, откако повеќе од 17 милиони евра исчезнаа од градската каса. Тој мина во затвор две години и пет месеци, но беше ослободен во 2015 поради влошена здравствена состојба.
Папајоргопулос ги отфрла сите обвиненија. Тој ќе остане на слобода додека повисока инстанца не ја разгледа неговата жалба.
Судот денеска го осуди и поранешниот генерален секретар на Градското собрание во Солун за перење пари. Тој доби осумгодишна условна казна.