Новак Ѓоковиќ по четврти пат ја покори конкуренцијата на Вимблдон. Српскиот ас во финалето на неофицијалното светско тениско првенство го совлада Кевин Андерсон со 6:2, 6:2, 7:6 за вкупно 13. гренслем трофеј во кариерата што, пак, значи и враќање во топ 10 на АТП листата.
Битката за новиот владетел на најпознатата тениска трева траеше два часа и 18 минути. Финалистите во неа влегоа обременети по маратонските настапи во претходната рунда, ситуација во која подобро се снајде Ѓоковиќ. Резултатски ги преслика првите два сета и му даде посакуван правец на мечот.
Третиот сет мина во егал игра пришто првата брејк можност ја имаше Андерсон. Но, јужноафриканецот не успеа да ја искористи во осмиот гем. Два подоцна, при водство со 5:4, имаше уште две брејк прилики, но Србинот не дозволи намалување на 2:1. Андерсон не успеа ниту во третиот обид. Си обезбеди три брејк топки и во 12 гем меѓутоа Ѓоковиќ одново покажа концентрација, ментална стабилност и одлучност и го одведе сетот во тај-брејк. А, во него рутински ги одработи седумте поени за конечни 3:0 и деветта позиција во светска ранг листа.