Од денеска до 23 август граѓаните ќе може да направат увид во Избирачкиот список, а државјаните на Македонија кои живеат во странство ќе можат да се пријавуваат за изјаснување на референдумот и тоа преку апликација што денеска ќе биде промовирана од Државната изборна комисија (ДИК) и со своерачно барање во Дипломатско – конзуларните претставништва во земјите каде што живеат.
Доколку решат да дојдат во Македонија и да се изјаснат тука, тогаш иселениците нема потреба да се пријават во ДКП-та или преку апликацијата. Нивните имиња, како што објаснуваат од ДИК за МИА, ќе бидат запишани во изводот од Избирачкиот список со последната пријавена адреса во Македонија.
ДИК се очекува денеска, исто така, да ја објави последната состојба во Избирачкиот список. Проверката на податоците во списокот за спроведување на референдумот на 30 септември ќе трае до 23 август 2018 година до 24:00 часот.
Граѓаните можат да ги проверат своите податоци преку веб-страницата на ДИК https://izbirackispisok.
Во меѓувреме тече рокот за набљудувачи на референдумот.
Од Комисијата за МИА потенцираат дека претставници на политички партии нема да може да го набљудуваат референдумот, туку дека Собранието како овластен предлагач може да назначи лица кои ќе ја набљудуваат работата на органите што го спроведуваат референдумот.
Членовите на ДИК вчера веќе имаа средба со претставници на ОБСЕ/ОДИХР кои се очекува да го набљудуваат референдумот.