Австрискиот весник „Стандард” објави анализа во која тврди дека и Европската унија и Русија и Кина и САД и Турција ги користат трговијата и политиката за да обезбедат влијание на Балканот.
Според весникот, Русија не сака Македонија да влезе во НАТО и затоа се обидува да го поткопа историскиот договор на Грција и на Македонија за решавање на спорот за името.
Се потсетува дека македонскиот премиер Зоран Заев неодамна објави дека грчките бизнисмени, симпатизери на „руските работи”, се обиделе да ги натераат луѓето да провоцираат насилство во Македонија.
Виенскиот весник понатаму објаснува дека официјалните претставници на руската амбасада во Атина дури се обиделе да придобијат со пари политичари, бизнисмени и монаси на Атос за да дејствуваат против решавањето на спорот за името, и потсетува дека Атина ги истера овие дипломати во јули.
Повикувајќи се на анализата на инвестициите и односите, весникот пишува дека земјите од Југоисточна Европа одамна биле длабоко поврзани со ЕУ, при што се уште е најсилно политичкото влијание на Западот. Се вели дека многу земји не се во ЕУ, а Русија се обидува да го искористи тој вакуум за да оствари влијание од геополитички причини.
Директорот на Центарот за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац Флоријан Бибер за „Стандард” анализира дека ова е овозможено поради недоволниот ангажман на ЕУ и амбивалентниот став на САД.
-Русија ја користи слабоста на другите, вели Бибер, и проценува дека руските операции во Грција се резултат на зголемените нервози на Москва.
-Во случај на имплементација на договорот меѓу Грција и Македонија и нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово, Русија ќе ги изгуби важните адути, и само Босна ќе им остане за предизвикување невољи, смета Бибер.
Според „Стандард“, во Босна и Херцеговина тоа попречување е од одамна и многу силно се чувствува, при што се се констатира дека „најдобриот вазал на Путин на Балканот е претседателот на Република Српска, Милорад Додик“, кој според австрискиот весник, прави се за да ја спречи интеграцијата на БиХ во НАТО или во ЕУ.
Но, весникот истакнува дека во БиХ големо влијание има и Турција.
„Стандард“ посочува дека преку медиумите како Став, Фактор и новинската агенција „Анадолија”, турцката Влада спроведува хајка против поддржувачите на проповедникот Фетулах Ѓулен и потсетува дека при последната посета на турскиот претседател на Сараево во мај, Изетбеговиќ изјавил дека Ердоган бил пратен од „Алах “.
Австрискиот весник потсетува дека турската разузнавачка служба во март во Приштина привела шестмина турски државјани блиски до движењето на Ѓулен.
Во написот уште се додава дека Кина, која е интензивно ангажирана, го смета регионот за приоритет, што треба да им овозможи влез на западноевропскиот пазар.